Коста К. отсечен од надворешниот свет: „Не бара ништо, смета дека е популарен“

од Stefanija Kuzmanovska
506 прегледи

Коста К. кој на 3 мај уби 10 ученици и училишен чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“, сè уште е на специјален третман во белградска клиника. Тој нема пристап до телефон, лаптоп, весник, радио или телевизија, дознава „Блиц“. Овие мерки се преземени за детето-убиец да биде целосно изолирано и да се обезбеди потребниот простор за психолошка анализа.

Детето-убиец во неколку наврати се интересирало како е претставено во медиумите и изразило убедување дека станал „популарен“.

„Не бара ништо, не ни прашал за родителите. Единствените интереси му се кога ќе излезе и какви се реакциите по неговиот чин, што се случува надвор, а тој смета дека е популарен. Неговите очекувања се буквално дека луѓе ќе се соберат под неговиот прозорец и ќе скандираат за него“, изјави претходно извор за „Блиц“.

Полицијата и понатаму постојано го обезбедува Коста за да не се повреди себеси или некој друг. Тој е изолиран од другите пациенти, а контакт му е дозволен само со медицинскиот персонал.

„Неговото однесување до сега беше мирно. Не направил никакви инциденти во болницата, затворена установа, каде во моментов е изолиран“, додава изворот.

Официјално со него разговараат само психијатри и психолози чија цел е да ја анализираат структурата на неговата личност и психолошките особини. Целта е длабоко да се разбере начинот на размислување на детето-убиец и да се најде мотивацијата зад неговите криминални дејствија.

Коста го очекуваат низа психолошки тестови и проценки, кои вклучуваат различни методи на анализа на личноста, за да можат експертите да навлезат длабоко во неговиот ум.

Иако првично беше наведено дека тој е натпросечно интелигентен, дури и „генијалец“, експертските анализи ги побија ваквите тврдења.

„Не е гениј, како што е наведено. Можно е поради тоа другите во одделението да му пречеле, затоа што морал, на пример, да вложи повеќе труд за да го постигне успехот на една од неговите жртви или да ги задоволи неговите родители кои, според сите наши сознанија барале од него беспрекорен успех. Може да се каже дека е воспитан спартански“,  открива изворот.

Како потенцијален извор на проблемот се наведуваат преголемите барања на амбициозните родители, бидејќи покрај обврските во елитното училиште, одел и на бројни воннаставни активности. Зборува странски јазици, одел во актерска школа, музичко училиште, спортувал, победувал на градски натпревари, бил почесен ученик.

Слични содржини