ДЗР: „Водовод“ има загуба на вода од 60% и неплатени надоместоци во Буџетот на државата од 3 милиони евра

од Nikola Popovski
208 прегледи

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие Водовод и канализација Скопје”, за 2021 година.

Со извршената ревизија, ревизорите изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје е основано во 1946 година за вршење комунална дејност како дејност од јавен интерес на подрачјето на Град Скопје. ЈП Водовод и канализација Скопје снабдува со вода за пиење население од над 600.000 жители на Град Скопје за што користи вода од две изворишни подрачја Рашче 1 и Рашче 2 и од 7 бунари во бунарски подрачја Лепенец и Нерези.

Ревизорите со извршената ревизија утврдиле дека во период од 2017 до 2022 година количината на произведената вода значително отстапува од количината на фактурираната вода односно процентот на нефактурираната вода се движи околу 60% што е двојно повисоко од нејзиното оптимално ниво предвидено со Стратегијата за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем на Град Скопје. 

Меѓу другото со извршената ревизија е констатирано дека, од вкупно 295.750 корисници на вода, до денот на известување за ревизијата, ЈП Водовод и канализација Скопје нема склучено договори за уредување на меѓусебните права и обврски со 30% од корисниците на услугите (89.634 корисници), што може да предизвика отежната наплата на извршените услуги и да претставува тешкотија за непречено остварување на правата и обврските на давателите и на корисниците на услугите. Најголемиот дел од корисниците со кои не е склучен договор 97% се од категорија домаќинство, додека 3% се од категорија стопанство.

Со извршениот увид во деловните книги на ЈП Водовод и канализација Скопје, на крајот на 2021 година, ревизорите утврдиле искажани, но не платени обврски спрема Буџетот на Република Северна Македонија, од повеќе години наназад, во вкупен износ од 185.543 илјади денари (околу 3 милиони евра) по основ на надоместок за користење на вода и надоместок за испуштање во води.

Меѓу другото, во извештајот е наведено дека земјиштата и градежните објекти претставуваат 83% од вкупната вредност на материјални средства на друштвото, при што е утврдено: нерегулирани права на сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности за земјиштето и дел од градежните објекти кои во деловните книги се евидентирани со вредност од 100.729 илјади денари (околу 1,6 милиони евра), неевидентирани објекти, неусогласена евиденција и евиденција без уредна документација, што влијаат на параметрите при формирањето на цената на тарифите за водните услуги, која се формира согласно Методологијата за определување на тарифите за водна услуга и е одобрена од страна на РКЕ врз основа на официјални податоци од сметководствена евиденција на ЈП.

Ревизорите утврдиле дека извршениот попис на средствата и обврските на крајот на годината не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис. Исто така расходуваните средства по попис, се отстранети од сметководствената евиденција, иако не се преземени натамошни мерки за нивно отуѓување или уништување.

Слични содржини