Цело ВМРО-ДПМНЕ е на бродот кон ЕУ и било и ќе остане на тој брод. Ме загрижува дека дел од раководството на СДСМ заедно со ДУИ формираа анти-македонски фронт и тоа ме загрижува, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој му порача на премиерот Димитар Ковачевски „да не си игра со трпението на македонскиот народ“.
-Да се приклучи на македонскиот фронт кој вистински нуди европска перспектива на Македонија, рече првиот човек на опозицијата.
Мицкоски исто така изјави дека до него допираат информираат дека предмет на дискусија на Работната група за уставни измени не е само за внесување на бугарското малцинство во Преамбулата, туку како што вели, и целосно редефинирање на Македонија како држава.
-Да биде бинационална во која што ќе постојат два народи, неколку етнички заедници кои сега се дел од народ во рамките на Премабулата и сето останато над одреден процент поврзан со пописот да бидат малцинства. Уште фали да се исцртаат границите и Македонија и формално да биде федерална држава, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ после увидот на реализација на проекти во Општина Кавадарци.