Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на свеченото одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Браќа Кирил и Методиј и Ден на словенската писменост во Охрид.
Настанот, на којшто присуствуваа претставници од владиниот и државниот врв, од дипломатскиот кор, од областа на политиката, образованието, науката, културата, како и од други општествени сфери, се одржува на Плаошник, каде што е основан и дејствувал првиот словенски универзитет, Охридската книжевна школа, чијшто основач е еден од учениците на Светите Браќа Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски.
-Овој 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј и Ден на сесловенската писменост, го дочекуваме исправени и особено горди, затоа што македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, е признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во Европската Унија!
Нема повеќе внимателни формулации како до пред извесно време, на описно означување на нашиот македонски јазик, како: „јазик на македонската култура“, „јазик на македонската литература“, или „јазикот на Блаже Конески“, „јазикот на Матеја Матевски“ и слично.
Успеавме и ние: денес македонскиот јазик е официјализиран, по Обединетите нации – и во Европската Унија.
Според премиерот, покажавме дека сме достојни следбеници на сесловенските просветители, Кирил и Методиј, темелниците на европскиот интеркултурализам, кон што денес е насочена и целата современа, мултикултурна Европа.
-Светите Браќа Кирил и Методиј, се впуштиле во борба против тријазичната догма дека христијанството може да се проповеда само на три јазици – еврејскиот, грчкиот и латинскиот.
Ваквото нивно дело претставува културна и политичка револуција во тогашната хуманистичка мисла, но и промоција на европскиот хуманизам, во духовниот и во интеркултурниот стремеж за рамноправност на јазиците и еднаквост меѓу народите. Тоа, кон што се определени и Европа, како и светот, денес. Овој напор на Светите Браќа има несомнени културолошки вредности за словенската цивилизација, но и за целата културна и образовна иднина на Европа и на светот.
Република Северна Македонија денес претставува успешен пример на функционална мултикултурна држава и кај нас се негува на дело еднаквоста на националните и на јазичните различности.
Успеавме и да се избориме за сопствената јазична и идентитетска еднаквост во Европа!
Затоа, не е нескромно кога ќе истакнеме дека Република Северна Македонија е мостот што им е потребен на Западниот Балкан и на Европа денес, во надминувањето на сложените предизвици на денешницата.
И ова современо време во кое што ние живееме, векови по времето на Светите Браќа Кирил и Методиј, има потреба од натамошни успешни мисии во насока кон интеркултурализмот.
А нашата држава, со сите свои предизвици во развојниот пат, поради многу богатото културно и историско наследство, како и поради прогресивната раководна мисла, подготвено го следи космополитскиот дух на Светите Кирил и Методиј, кажа Ковачевски.