Шпекулациите дека со преамбулата ќе дојде до промена на идентитетот на земјата, редефиниција на уредувањето, бинационална држава, се прашања кои се со цел да поттикнат нешто кое не е потребно во моментов, вели претседателката на Работната група за уставни измени, Маргарита Цаца Николовска.
Според неа, во овој момент на Македонија како држава и е потребно да работи на остварување на стратешката цел-да се влезе во ЕУ.
-Не знам каква е таа потреба од барање од ЕУ или членките гаранција дека нема да се стопира процесо. Процесот е жив и тече и ќе биде предмет на елаборирање. Од што се плашиме? Фактите се тие. Треба да ги решиме и готово е. Но да се зборува дека ќе се смени нешто во насока на идентитетот и јазикот, тоа е неприфатливо и замајување на јавноста, рече Николовска во емисијата „Клик плус“.
Ова следува откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред неколку денови соопшти дека до него допираат информираат дека предмет на дискусија на Работната група за уставни измени не е само за внесување на бугарското малцинство во Преамбулата, туку како што вели, и целосно редефинирање на Македонија како држава.
-Да биде бинационална во која што ќе постојат два народи, неколку етнички заедници кои сега се дел од народ во рамките на Премабулата и сето останато над одреден процент поврзан со пописот да бидат малцинства. Уште фали да се исцртаат границите и Македонија и формално да биде федерална држава, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.