Тоа е уште една од низата небулози и замајување на јавноста од страна на опозицијата. Вие се сеќавате дека истата опозиција зборуваше за милиони мигранти во државата, дека ќе сме кантонизирале, рече премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој рече дека во 2006 година, „тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ одел во градовите низ државата и раскажувал како ќе се кантонизираме заради територијалната поделба и ја освои власта врз емоциите на народот“.
-Оваа е најнова лага на Мицкоски и се работи за кажување нешто од немајкаде, затоа што кога сите факти ќе ве побијат, не ви останува ништо освен да измислувате нови небулози кои што само ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро, рече Ковачевски.
Ова следува откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред неколку денови соопшти дека до него допираат информираат дека предмет на дискусија на Работната група за уставни измени не е само за внесување на бугарското малцинство во Преамбулата, туку како што вели, и целосно редефинирање на Македонија како држава.
-Да биде бинационална во која што ќе постојат два народи, неколку етнички заедници кои сега се дел од народ во рамките на Премабулата и сето останато над одреден процент поврзан со пописот да бидат малцинства. Уште фали да се исцртаат границите и Македонија и формално да биде федерална држава, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.