Билатерални перспективи, улогата на Мисијата на ОБСЕ во Косово и дијалогот посредуван од ЕУ беа централните теми на кои денес разговараа претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни Бујар Османи и министерката за надворешни работи, Доника Гервала-Шварц за време на нивната денешна средба во Приштина.
Османи порача дека ОБСЕ силно го поддржува дијалогот со Белград, кој не само што ги штити интересите на сите заедници, туку и придонесува за севкупна регионална стабилност.
-Инвестицијата во добрососедство, особено во нашиот регион, е влог во иднината. Нашата Организација ќе продолжи да го поттикнува позитивниот политички дијалог и клима, бидејќи заштитата и унапредувањето на правата на сите заедници се клучни за зајакнувањето на меѓуетничките односи, укажа шефот на македонската дипломатија.
-Драго ни е што бевме домаќин на важната средба во Охрид што дополнително го отвори патот за нормализирање на односите. Силно го поддржуваме овој процес, кој не само што ги штити интересите на сите заедници, туку и придонесува за севкупна регионална стабилност, истакна Османи.
Во текот на средбата Претседавачот со ОБСЕ Османи истакна дека заштитата и унапредувањето на правата на сите заедници се клучни за зајакнувањето на меѓуетничките односи. Тој ја искористи можноста да ги поздрави позитивните достигнувања кои Мисијата на ОБСЕ во Косово ги реализира, посебно во областа на човековите права, демократизацијата и јавната безбедност.