Ковачевски во Стопанската комора: Имаме целосна поддршка од САД за уставните измени

од Nikola Popovski
220 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше работна средба со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и членовите на Управниот одбор на комората. На средбата присуствуваа и Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции и заменик-министерот за финансии Филип Николоски.

Премиерот Ковачевски на средбата ги информираше претставниците на бизнис заедницата за работната посета во САД, за која посочи дека е од национална и државна важност.

„Нашата држава во овие клучни моменти доби многу силна поддршка од нашите најголеми и најважни стратешки партнери, САД, што е исклучително важна за иднината на земјата и за продолжување на европскиот пат. САД го цени нашиот придонес во глобалните процеси и тоа што сме земја фактор на регионалната стабилност. Македонската држава во својата понова историја имала поддршка од САД но ваква силна, изразена и ваква значајна за иднината на земјата, досега немала. Тоа мора да го имаме предвид. Особено сега во овие моменти”, рече премиерот Ковачевски и порача дека имаме целосна поддршка од САД и за уставните измени, што беше нотирано и во изјавата на Ескобар, но и на амбасадорката Агелер, колку е важно во национален, регионален, но и во глобален контекст Северна Македонија да продолжи со евроинтеграциите кои се веќе започнати.

На средбата, премиерот Ковачевски информираше за разговорите со државните секретари Блинкен и Ескобар, кои потврдија дека евроинтеграциите на земјава се неповратен процес, но изразија загриженост за блокадата на опозицијата.

„Денес сме посветени и на натамошен напредок кон европските интеграции – и тие порано или подоцна ќе се случат, затоа што државата е на вистинскиот колосек и оттука има само напред. Северна Македонија конечно има поволен и предвидлив деловен амбиент за компаниите и за нови инвестиции, што е резултат на стратешките политики, членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија”, рече премиерот Ковачевски.

При тоа премиерот Ковачевски посочи дека, за бизнис заедницата е особено важна поддршката што државата ја има од САД, потенцирајќи дека влезот на странски познати компании кај нас, значи и повисок инвестициски рејтинг.

Кога една компанија напредува, тоа е мотив и друга компанија да влезе и да инвестира, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека со зголемениот број на инвестиции се отвора можност – наместо држава на евтина работна сила Северна Македонија да биде држава на подобро платени работни места.

„Носиме инвестиции кои се брзорастечки. И со ова Северна Македонија ја ставаме на мапата земји кои имаат капацитет за големи инвестиции и за инвестиции на 21 век”, порача премиерот Ковачевски.

На средбата во Стопанската комора на Северна Македонија, премиерот Ковачевски посочи дека бизнис заедницата е важна за креирање на економските политики на државата, бидејќи приватниот сектор е еден од двигателите на економијата.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески порача дека комората и во иднина конструктивно ќе придонесува со мерки за подобрување на деловниот амбиент и притоа го акцентира напредокот кој земјата го постигна во меѓунационалниот дијалог.

Слични содржини