На денешните избори шест кандидати се борат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Кандидати се професорите Христина Спасевска и Димитар Ташковски и двајвата од Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ), потоа професорите Горан Ајдински и Ратко Дуев и двајцата од Филозофскиот факултет, професорката Билјана Ангелова од Економскиот институт и професорот Атанас Кочов од Машинскиот факултет.
Гласањето ќе се спроведе во периодот од 12 до 14 часот, а во избирачкиот список на УКИМ, утврден од Универзитетската изборна комисија запишани се 1.419 лица со право на глас, меѓу нив редовни и вонредни професори, асистенти, доценти и студенти на факултетите.
Доколку на некои единици во состав на УКИМ е потребно прегласување, повторното гласање ќе се организира на 9 јуни. По законскиот рок од три дена за приговори, конечните резултати за избор на ректор ќе бидат објавени на 15 јуни.
Победникот треба да го наследи актуелниот проф. д-р Никола Јанкуловски од Медицинскиот факултет, кој беше ректор во два мандата.