Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска информира дека процесот на усвојување на уставните измени може да почне и без постигнат политички дијалог и да се искористат триесетте дена до првото гласање за постигнување договор.
Како што рече на брифинг со медиумите, минимум четири и пол, максимум до шест месеци може да трае процесот на усвојување. Роковите течат откако Владата ќе го достави предлогот.
Според Џафери, нема никаква законска пречка расправата за уставните измени да почне иако не е обезбедена двотретинска поддршка.
-Ова веќе не е само интерес на мнозинството, ова е интерес на државата на граѓаните. Државата 30 години работи макотрпно на тоа да ги оствари двете стратешки цели кои ги определиле уште при осамостојувањето, ова е можноста, вели Џафери.
Искуствено, одлагањето на влезот во НАТО во 2008. не чинеше десет години и јас, вели Џафери, не сум убеден дека добивме подобро решение од она што беше во 2008.
Тој информира дека доколку нема две третини на првото гласање, процедурата ќе прекине.
Како краен рок за внесување на шесте народи, според предлогот на работната група, меѓу кои и Бугарите, во Уставот се посочува ноември, кога треба да заврши скринингот на Европската комисија и да се одржи втората меѓувладина конференција и да почнат преговорите по поглавја.