Откажувањето на учеството на големите воени вежби на НАТО е првата последица што ќе ја почувствува владата на Албин Курти поради акциите на северот на Косово, изјави од Приштина американскиот амбасадор Џефри Ховениер.
„За Косово, овие вежби се завршени“, изјавил американскиот дипломат Џефри Ховениер, наведувајќи дека владата во Приштина ги игнорирала американските повици за деескалација на ситуацијата во општините на северот на Косово.
Како што неофицијално дознава РТС, САД забраниле средби и посети на претставници на Приштина на Америка.
Ховениер изјавил и дека Вашингтон испратил силна порака до владата на Курти веднаш по почетокот на акцијата на северот, предупредувајќи дека таквиот потег ќе има негативен ефект врз угледот на Приштина и ќе го уназади дијалогот со Белград.
„Ние анализираме кои ќе бидат нашите следни потези“, рекол американскиот амбасадор, наведувајќи дека од владата на Курти е побарано да ги повлече специјалните сили од северот на Косово, како и „да не инсистира градоначалниците да ја вршат својата работа од општинските згради. ”
„Не разбираме зошто алтернативните локации не можат да се користат за извршување на функциите“, нагласил Ховениер, додавајќи дека Вашингтон смета дека „насилниот упад и присуството на косовската полиција во зградите е провокација“.
Ховениер, истовремено, предупредил на дополнителни последици од ваквиот пристап на косовските власти.
„Морам да кажам дека во овој момент САД немаат голем интерес да се залагаат за земји кои не ја признале независноста или активно работат на евроатлантските интеграции на Косово“, заклучил американскиот амбасадор во Приштина.