Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски денеска одржа прес-конференција на којашто информираше за случувањата во однос на избор за директорка во ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“ во Куманово.
„Во текот на вчерашниот ден до Општина Куманово пристигна решение од Министерството за труд и социјална политика на коешто е потпишана ресорната министерка дека се одземаат ингеренциите на Општина Куманово за поставување и разрешување на директор во ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“ и исто така за поставување и разрешување на в.д. директор во оваа институција“, изјави градоначалникот на Куманово.
Според него, со ова се потврдува дека спротивно на статутот на оваа институција „сакаат да постават директор во истата институција која веќе незаконски е околу 20 години директор на ЈОУ Детската градинка Ангел Шајче“.
„Искрено сум разорачан, но борбата на општината нема да застане, ќе ги искористиме сите правни средства, истото решение ќе го обжалиме пред надлежен суд и ќе ја водиме нашата борба во делот на поголема децентрализација, бидејќи сметаме дека оваа јавна институција заслужува да има подеднаков третман како и останатите и да излезе од партиските пранги кои во моментот сè се поцврсти“, изјави Димитриевски.