Рускиот претседател Владимир Путин може да допатува во официјална посета на Турција по инаугурацијата на Реџеп Таип Ердоган, кој беше реизбран за претседател во вториот круг од изборите минатиот викенд, изјавил за ТАСС добро информиран, неименуван извор од Анкара.
„Доколку се случи таква посета, двајцата лидери ќе разговараат за конфликтот во Украина и договорот за извоз на жито од пристаништата на Црното Море“, рече изворот, одбивајќи да даде дополнителни детали.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека во неодамнешниот телефонски разговор, лидерите на Русија и Турција ги потврдиле своите намери лично да се сретнат во блиска иднина, но дека локацијата и времето на потенцијалниот состанок „ќе мора да се координираат земајќи ги предвид распоредот на двајцата претседатели“.