(ВИДЕО) Околу половина милион Полјаци на најголемиот протест по падот на комунизмот во 1989

од Nikola Popovski
745 прегледи

Денеска на повик а на лидерот на опозицијата, поранешниот премиер Доналд Туск, низ центарот на Варшава помина најголемиот протестен марш, според проценките на градските власти од околу половина милион Полјаци, против владата на конзервативната партија Право и Правда, колапс на демократските институции и уништување на владеењето на правото.

Се смета дека ова е еден од најголемите собири од ваков тип во последните 30 години, по падот на комунизмот.

– Учествувате на најголемиот демократски собир во историјата на демократска Полска, нè има половина милион на улиците на Варшава. Тоа е апсолутен рекорд. Го кренавте гласот за демократија, демократијата во Полска нема да умре, нема да молчиме, гласно ќе викаме, рече опозицискиот лидер Туск на крајот од маршот пред Кралскиот замок во Варшава.

Поранешниот премиер и поранешен претседател на Европскиот совет вети дека опозицијата ќе оди на есенските парламентарни избори за да победи и дека доколку секој од присутните еднаш неделно убеди некој од неопределените гласачи, ќе го тргнат од власт тимот што денес ги понижува Полска и Полјаците.

– Полјаците и полските никогаш не морале да се срамат. Денеска мора да се срамат од својата влада. Кога земјата е вистинска правна држава каде што власта одговара пред граѓаните, а не обратно за граѓаните да се плашат од власта, помирувањето меѓу Полјаците ќе биде лесно. Единството и солидарноста се обврска на вистинската борба. Нашите деца и внуци нема да ни простат ако ги осудиме на оние кои ја понижуваат Полска – им вети Туск на митингашите.

Туск најави дека доколку опозицијата победи на есенските парламентарни избори, актуелните власти ќе мора да одговараат за злото што го направија додека беа на власт, за тоа што многу луѓе се иселиле од Полска, за труење на умот на луѓето со лаги и пропаганда преку државните телевизии.

Кога поворката демонстранти помина покрај Претседателската палата, извикуваале „Ќе лежите (во затвор)“ и „Државен суд“, специјален суд во Полска за највисоките функционери.

-Претседателе, ова е најголемата социјална дебата во последните 30 години. Овде е народот, овде е Полска. Ве молам, не плашете се, ние само сакаме да кажеме што мисли вистинската Полска за вас, рече опозицискиот пратеник Бартош Арлукиевич пред седиштето на полскиот претседател Анджеј Дуда.

– Сакаме слободна Полска, со владеење на правото, безбедна, чесна, чиста и зелена. Тука сме да покажеме дека никој нема да може да не раздели. Чувствуваме дека со Полска со години владеат луѓе кои не знаат да сакаат, го присвоија зборот солидарност и секој ден дел по дел ни ја одземаат слободата, додал Туск.

Полјаците од целата земја дошле во Варшава на 34-годишнината од првите делумно слободни избори, многу млади луѓе, семејства со деца и двајца ветерани од Варшавското востание против германските окупаторски власти од 1944 година во инвалидски колички.

Низ Полска, во големите градови, илјадници Полјаци се солидаризираа со Варшава и излегле точно напладне да протестираат против владата. Демонстрации се одржале и во неколку градови во САД и Германија, во Лондон и други светски метрополи каде што полските дијаспората е побројна.

Според последното истражување што денеска го објави полскиот весник „Жечпосполита“, само 22,8 отсто од испитаниците веруваат дека живеат во правна држава, додека 28,9 отсто сметаат дека правната држава се уште постои, но е загрозена, а 40,4 отсто Полјаците се убедени дека по осум години на власт владеењето на правото на конзервативецот Јарослав Качински повеќе не постои.

Слични содржини