Министерството за правда ја испрати до Владата предлог-иницијативата за уставни измени изготвена од Работната група. После ова Владата треба да ја разгледа на седница, а потоа и да ја достави до Собранието.
Владата најчесто секој вторник одржува редовна седница, но засега нема информација дали предлог-иницијативата утре ќе се најде на дневен ред или ќе биде разгледана дополнително.
Работната група на седница одржана пред десетина дена ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.
Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.
Втората измена е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ.
Засега е неизвесно дали во Собранието ќе бидат прифатени уставите измени имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да ги поддржи. За носење на уставните измени е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.