Неговата светост српскиот патријарх г. Порфириј и неговото блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан чиноначалствуваа со заедничка литургија во црквата Света Софија во Охрид, со која свечено беше одбележана првата годишнина откако поглаварот на Српската православна црква му го врачи Томосот за автокефалност на поглаварот на МПЦ.
Дел од служењето беа и високоопосветените архиепископи брегалнички Иларион, дебарско-кичевски Тимотеј, Преспанско-пелагониски Петар, кумановско-осоговски Григорије, полошко-кумановски Јоаким, нишки Арсениј, марчански Сава и топлички Петар . На крајот од светата Литургија, поглаварот Стефан на Порфириј му го додели највисокото признание на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, Орденот Свети Климент Охридски од прв ред, за покажаната љубов кон македонската црква.
Изразувајќи благодарност, Порфирије рече дека е исполнет со радост што e денеска во Охрид, во прекрасниот храм Св. Софија, истакнувајќи дека српски патријарх служел во овој храм и пред 100 години.
Заедничката литургија следи откако на 25 април во Скопје, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј информираше дека е започнат процес на интеграција на Православна Охридска Архиепископија на Јован Вранишковски во МПЦ-ОА. Обединувањето е дел од договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА.