НДИ: Граѓаните се загрижени за високите цени, ниските плати и ќе ги поддржат партиите кои ќе ја подобрат економијата

од Vladimir Zorba
387 прегледи

Економските прашања се сè поважни за граѓаните на Северна Македонија поради инфлацијата и зголемените трошоци за електрична енергија. За да се зајакне одговорното и транспарентно управување, Националниот демократски институт спроведе истражување на јавното мислење од 13-24 април 2023 година и ги сподели наодите со лидерите на јавното мислење за да добијат информации за креирањето на јавните политики.

Педесет и осум проценти од анкетираните граѓани се многу загрижени за намалениот животен стандард, ниските плати и ниските пензии. Четири од десет испитаници трошат најголем дел од семејниот буџет (над 60 проценти) на храна. Речиси половина од населението (48%) велат дека често или повремено имаат тешкотии да ги платат сметките на крајот од месецот, при што граѓаните со пониско социо-економски статус (89%) и оние кои живееат во рурални населени места (53%) имаат поголеми потешкотии да ги покријат трошоците за живот.

Испитаниците се песимисти за иднината, речиси 40 проценти веруваат дека економската состојба, животниот стандард и висината на платите и пензиите ќе се влошат во наредните 12 месеци. Седум од десет анкетирани граѓани (71 отсто) ги поддржуваат партиите кои имаат дефиниран план за подобрување на економската состојба.

„Граѓаните на Северна Македонија се загрижени за намалениот квалитет на живот“, рече Роберт Скот Хејзлет, виш резидентен директор на НДИ во Северна Македонија, „а мнозинството граѓани ќе ги поддржат политичките партии кои имаат економски план што ќе помогне да се подобри животниот стандард и да се понудат економски можности“.

Речиси една третина од граѓаните (28,7 проценти) сметаат дека намалувањето на вкупната потрошувачка е решение за надминување на сегашната економска криза. Покрај тоа, огромно мнозинство граѓани (91 процент) сметаат дека зголемувањето на цените е најголемата закана за нивната финансиска состојба и предлагаат владата да даде приоритет на „ценовната стабилност“.

Граѓаните ги поддржуваат владините одлуки за зголемување на минималната нето плата (72 проценти), замрзнување на цените (речиси 83 проценти) и ограничување на профитот на основните прехранбени производи (68 проценти). Мнозинството граѓани (67 проценти) сметаат дека владата треба да продолжи со субвенциите за прехранбените производи и сметките за електрична енергија (48 проценти) како ефикасна мерка за ублажување на негативните ефекти од кризата.

Неодамнешната антикризна кампања се смета дека има ограничен досег бидејќи значителен дел од граѓаните (39 проценти) не се информирани за повеќето од мерките, особено граѓаните со понизок социо-економски статус. Додека повеќе од една третина од потрошувачите (38,7%) не се запознаени со нивните права како потрошувачи, 56% не се свесни дека постојат програми за заштита на потрошувачите.

Позагрижувачки е податокот дека над половина од потрошувачите (54%) не им веруваат на давателите на услуги, ниту на судството (71%) во случај на спор околу трансакција со компанија.

Национално репрезентативно теренско истражување лице-в-лице, нарачано од НДИ, со маргина на грешка +/-3,09 процентни поени на 95% ниво на доверба, големина на примерок од 1003 испитаници на возраст од над 18 години. Истражувањето на јавното мислење беше спроведено од ТИМ Институт и финансирано од Националната фондација за демократија. Наодите од истражувањето не ги одразуваат ставовите на НДИ и Националната фондација за демократија

Слични содржини