Членови на пензионерското движење “Тука Сме” денеска одржаа протест пред седиштето на Сојузот на здруженијата на пензионерите, од кој упатија барања за преиспитување на изборите во Сојузот, кои ги сметат за нерегуларни и недемократски, за проверка на, според нив, финансиските нерегуларности во здруженијата, како и за покачување на пензиите.
Благоја Крстаноски, кој е член на одборот на ова движење, во изјава за медиумите истакна дека ова е самоиницијативен одбор за „поправање на состојбите во пензионерските здруженија и во Сојузот на здруженијата на пензионерите“.
Тој обвини дека изборите за членови на раководството на Сојузот биле недемократските и нерегуларно спроведени.
– Само одреден мал број членови беа известени дека има избори и сами си се предложиле, сами си се избраа и сега велат дека е демократски, изјави Крстаноски.
Тој додаде дека претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова „не се потрудила доволно за покачување на пензиите“.
– Пензионерите добија усогласување на пензиите за 8,4 проценти, тоа не е покачување туку е усогласување. Меѓутоа, како што знаете, функционерите добија 78 проценти покачување и по тоа недозволиво е претседателката да не се залага за подобар стандард на пензионерите, рече Крстаноски.
Тој нагласи и дека бараат да се одвојат средствата што се плаќаат за солидарниот фонд од оние наменети за членарина во пензионерските здруженија.