Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави вчера на средба со претставниците на Европската унија и на САД, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар дека Србија останува посветена на процесот на дијалог со Приштина, соопштиле од неговиот кабинет.
„Вучиќ ја повтори целосната посветеност на Србија за процесот на дијалог со Приштина, за постигнување компромисни и одржливи решенија во корист на подобар живот и односи меѓу Србите и Албанците и ја подвлече безбедноста на нашиот народ на Косово и Метохија како клучно барање“, се вели во соопштението.
По средбата со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Ескобар, Вучиќ инсистираше на целосно спроведување на договорените и потпишаните договори од Брисел.
„Прво и основно е формирањето на Заедницата на српските општини“, се додава во соопштението и дека Вучиќ ја повикал меѓународната заедница повеќе да се ангажира со Приштина во таа насока.
Претставниците на ЕУ и САД го повториле нивното заедничко барање за итен прекин на тензиите и насилството на теренот, организирање нови избори со учество на косовските Срби и враќање на дијалогот за нормализација.
На средбата се разговарало за актуелната состојба на северот на Косово и Метохија, начините за намалување на тензиите на терен, спроведувањето на досега постигнатите договори и можностите за напредок на дијалогот што се води со посредство на ЕУ.
На средбата присуствувле и шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Џауфрет и американскиот амбасадор Кристофер Хил.
Пред Белград, Лајчак и Ескобар престојуваа во Приштина.
Фото: Beta/MILOS MISKOV