Може кога се сака: Ѓорѓиевски и Бочварски потпишаа Договор за соработка, ќе се рехабилитира сообраќајница со површина од 8.000 квадратни метри

од Vladimir Zorba
238 прегледи

Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска го потпишаа Договорот за соработка со што се формализираше реализацијата на проектот за рехабилитација на улицата „Петар Драпшин”. Се работи за клучна сообрајница во населбата 11 0ктомври Бараки со површина од 8000 квадратни метри која треба да биде завршена за околу три месеци, информираат од Општина Кисела Вода.

-Рехабилитацијата на „Петар Драпшин”, како мошне значајна сообраќајна артерија опфаќа санација на коловозот и тротоарите, што е барање и потреба на жителите веќе 30 години. Убаво е кога за вакви значајни отворени децениски прашања какво што е подобрувањето на локалната патна инфраструктура изнаоѓаме заеднички јазик и делуваме здружено, бидејќи се работи за унапредување на условите за огромен број на граѓани кои живеат во овој дел на општина Кисела Вода. Сакам да му се заблагодарам на министерот Бочварски, на Министерството за транспорт и врски, како и на Светска Банка, за финансиската поддршка, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој се надева дека овој ќе биде само еден од проектите кои преку соработка ќе им ги овозможиме на нашите жители за нивен поквалитетен живот.

-Како што го информирав и министерот, улицата Петар Драпшин е една од улиците опфатени големиот проект за обнова на улиците населбата 11 Октомври бараки. Општина Кисела Вода паралелно ќе санира и неколку други улици во населбата 11 Октомври Бараки. Нов асфалт и тротари ќе добијат и „Ефтим Спространов”, „Лазар Димитров” и „Лав Tолстој”. Заедно со „Петар Драпшин”, се работи за градежна интервенција со вкупна површина од околу 11000 м2 кои ќе овозможат нов подобрен лик на улиците и ќе ги направат побезбедни за одвивање на сообраќајот. Дополнително ќе поставиме и ново модерно штедливо осветлување. Досегашните живини, ќе ги замениме со лед светилки-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски при заедничкиот увид со министерот за транспорт и врски Бочварски на улицата „Петар Драпшин”.

Министерот Бочварски истакна дека особено му е драго што преку Министерството за транспорт и врски продолжуваат да ги помагаат општините, да им даваат силна поддршка за реализација на вакви проекти со кои се го подобрува животот на граѓаните.

-Нашите политики се јасни и конзистентни, сите општини и сите граѓани ни се важни и правиме се за да обезбедиме квалитетни проекти за граѓаните и развој на општините, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Средствата за рехабилитација на улицата „Петар Драпшин” се обезбедени од „Проектот за поврзување на локални патишта” кој се реализира од страна на Министерството за транспорт и врски со финансиска поддршка од Светска Банка. Се работи за износ во висина од 13,7 милиони денари.

Слични содржини