Средношколците денес ја завршуваат учебната 2022/2023 година, додека учениците од основните училишта ќе одработат уште три дена и последниот училиштен ден за нив е среда 14 јуни. Причината за тоа е затоа што беше продолжен зимскиот распуст заради заштеда на електрична енергија за греење на училиштата. Второто полугодие од учебната година наместо на 18 јануари почна на 23 јануари.
Оваа учебна година привршува и без учебници за дел од предметите. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири проблемот со учебниците како оној со македонски јазик за трето одделение го лоцира во недоволната заинтересираност на авторите да се пријават на повиците, па решенија ќе се бараат и преку подготвителни материјали. Уверува дека од први септември учебници ќе има, но се уште не може да најде кој ќе го напише учебникот по македонски јазик за петто одделение.
По катастрофалните грешки во учебниците, МОН сега ќе бара начин како тие да се сведат на минимум.
Матурантите, пак, утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен. Пријавените кандидати имаа можност да избираат од седум предмети: Математика, Англиски јазик, Француски, Германски, Руски јазик, Естетика или Филозофија.
Првиот екстерен испит, задолжителниот Мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература 15 620 матуранти го полагаа на 27 мај.