Нема да дозволиме ценовен шок, Владата ќе ја субвенционира цената на струјата, уверува Ковачевски

од Nikola Popovski
346 прегледи

Нема да дозволиме ценовен шок за граѓаните како што не дозволивме и досега. Владата преку Буџетот субвенционираше 80 проценти од цената на електричната енергија во текот на целата грејна сезона во минатата година и во оваа година. Така ќе биде и во иднина, изјави денеска претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за новата цена на струјата, која треба да биде објавена кон крајот на месецов.

Потенцира дека во текот на минатата грејна сезона ниту имаше рестрикции, ниту, пак, недостатоци на електрична енергија, туку, напротив, во текот на јануари имаше продажба на вишоци на електрична енергија на слободниот пазар заради зголеменото производство на струја за 40 проценти во државните капацитети на ЕСМ.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ја одреди цената на регулираниот пазар на струја што ќе важи во наредните шест месеци, почнувајќи од 1-ви јули.

Претходно беше соопштено дека пак ќе се воведе евтина тарифа на струјата преку ден која беше укината во јануари лани поради енергетската криза. Таа преку ден беше воведена во октомври 2017 година, а Владата ја укина на 1 јануари 2022 година, кога имаше зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Ако останеше евтината тарифа граѓаните ќе требаше да плаќаат поскапа струја за 14,23 отсто.

Слични содржини