Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа изјави дека многу го почитува премиерот на Албанија, Еди Рама, но додаде дека не е овластен да го изготвува статутот на Заедницата на српските општини (ЗСО), кој го претстави пред високите европски претставници.
„Колку што знам, Еди Рама не е член на српскиот управувачки тим. Ниту (косовскиот премиер Албин) Курти, кој очигледно би сакал да стане дел од тој тим, бидејќи и тој има нешто напишано, но нема право да го пишува“, изјавил Вучиќ за ТВ Хепи.
Тој нагласил дека Статутот на ЗСО мора да биде како што беше договорено во претходните договори и процедури од Брисел.
„Немаме за што да преговараме овде. Само дајте ни ги принципите, органите и телата на ЗСО како што беше преговарано и како што го парафирав во 2015 година со (тогашниот премиер на Косово) Иса Мустафа. Не бараме ништо повеќе. Дали знаете кога ќе биде тоа? Никогаш, секако не додека Курти е на власт“, рекол Вучиќ.