Нов патoказ меѓу Македонија и САД беше потпишан на средба во Пентагон од страна на министерката за одбрана, Славјанка Петровска и нејзиниот американски колега, Лојд Остин. Патоказот ги утврдува приоритетните области на одбранбената соработка во следните десет години меѓу двете земји. „Северна Македонија сега е членка на НАТО и ние заедно со САД стоиме рамо до рамо во справувањето со заедничките безбедносни предизвици. Минатата година САД ни дадоа огромна поддршка, која не беше само финансиска. Разменивме знаење и искуство, вежбавме и трениравме заедно и горди сме што придонесуваме за безбедноста на НАТО и регионот“, рече Петровска после потпишувањето. На средбата се разговарало и за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, при што било констатирано дека се потребни брзи чекори напред и јасен сигнал дека процесот се движи кон главната цел – членството на Република Северна Македонија во ЕУ.
Во обид да дознаеме повеќе што значи потпишаниот патоказ, контактиравме со дел од експертите во областа одбрана и безбедност. Професорот и експерт за безбедносни прашања Александар Нацев во разговор за „Локално“ вели дека соработката со САД во доменот на безбедноста и одбраната не е нешто ново за нашата држава.
-Последните 15тина години една од константните намери на Министерството за одбрана беше модернизација и опремување на единиците со оружје и опрема од американско производство, со цел остварување интероперабилност не само со воените единици на САД, туку и со останатите единици кои доаѓаат од држави кои се членки на НАТО. Имајќи во предвид дека САД доминираат на воениот пазар помеѓу членките на НАТО, но и помеѓу НАТО партнерите, не треба да не изненадува ваквиот развој на настаните, укажува Нацев.
На прашањето дали ова е потврда на стабилноста и безбедноста на државата која многумина ја оспоруваат последните неколку години, професорот смета дека не може толку лесно да се повлече паралела помеѓу овие две работи, од повеќе причини.
-Стабилноста и особено безбедноста на државата зависат од многу фактори, дел од кои не се воопшто воени по својата природа. Несомнено дека соработката со САД ќе придонесе кон подобрување на состојбите во одбраната, но генерално нема да има пресуден или критичен ефект врз подобрувањето на целокупната безбедноста состојба на нашата држава, објаснува Нацев.
Сепак е дециден дека американската финансиска поддршка за нашата земја е добредојдена и јасно ја покажува намерата на САД да ни помогне кон унапредување на состојбите во Армијата на Република Македонија.
-Но, не треба да заборавиме дека и ние како држава направивме сериозни набавки на возила и вооружување од САД со средства кои доаѓаат од буџетот, а не од донации. Она што е важно во овој двонасочен однос за нас како држава, е да стигнеме до целта (а тоа е оперативност на целата Армија по НАТО стандарди) економично и ефикасно, а притоа да ја постигнеме таа цел колку што може побрзо, ни рече проф. Нацев.
Генералот-потполковник и поранешен началник на ГШ на АРМ, Горан Котески пак за „Локално“ објаснува дека соработката со САД е започната во 1993 година, а најсилно стратегиско партнерство е развиено со Националната гарда од Вермонт.
-Ова денешно потпишување на 10-годишен договор значи пред се дека САД и Македонија го продолжуваат и потврдуаат стратегиското партнерство. Сметам дека овој договор содржи повеќе области на соработка, посочува Котески, набројувајќи дека најважни се:
-модернизација на Армијата со ново вооружување и опрема за водење операции
-помош во развој на одбранбените капацитети
-борба против хибридните закани
-водење на заеднички мисии и операции
-обука на старешинскиот кадар и заедничка обука и вежби.
Поранешниот началник на ГШ на АРМ оценува дека досегашната соработка со САД е одличка, при што американската администрација донирале најмногу финансиски средства за нашата Армија.
-Ова е само потврда за нашата безбедност и стабилност на домашен и меѓународен план. Борбената готовност на Армијата мора да биде секогаш на ниво, а тоа зависи од обучениот војнички состав и модерната техника и вооружување, заклучува генерал Котески.
Н.П.