Обелодени тајни на Пентагон: Џек Тешеира обвинет за објавување доверливи воени документи

од Stefanija Kuzmanovska
176 прегледи

Федералната голема порота го обвини членот на американската воздушна Национална гарда, Џек Тешеира, за објавување на доверливи воени документи на интернет, објави американското министерство за правда.

Како што пренесува денеска „Гласот на Америка“, обвинението против Тешеира се состои од шест точки и вклучува намерно задржување и пренесување на доверливи информации поврзани со националната одбрана, се вели во соопштението.

Обвинението за кривично дело предвидува казна затвор до 10 години, три години надзор по ослободувањето и парична казна до 250.000 долари.

Тешеира беше уапсен под сомнение дека извршил едно од најтешките кривични дела во областа на безбедноста во последните 13 години, односно од 2010 година кога на „Викиликс“ се појавија повеќе од 700.000 документи, видеа и дипломатски телеграми.

Тој беше приведен во април кога стана јасно дека објавил доверливи записи на апликацијата Дискорд. Набргу по неговото апсење, двајца команданти на неговата единица беа суспендирани.

Тешеира е во притвор откако обвинителите презентираа докази дека тој упатувал насилни и расистички закани во минатото и дека имал пристап до арсенал на оружје. Исто така, како што истакнаа, тоа претставува ризик од споделување чувствителни информации со странски земји.

Тајните документи што тој ги обелодени обезбедија широк спектар на високо доверливи информации за сојузниците и противниците, со детали кои се движат од воздушната одбрана на Украина до израелската шпионска агенција Мосад.

Слични содржини