Ковачевски: Во моменти на криза се покажа суштинското значење на Отворен Балкан и Берлински процес

од Nikola Popovski
249 прегледи

Се покажа дека политичките решенија се и решенија за економијата, односно, дека тешките одлуки функционираат и за економијата, кажа премиерот Димитар Ковачевски на сесијата ‘Вистинската регионална соработка го одржува бродот стабилен’ во рамки на Преспа форум дијалогот.

-По Договорот од Преспа и почетокот на преговорите со ЕУ, лани, во најпредизвикувачката година по Втората Светска војна, Република Северна Македонија минатата година бележи највисоко ниво на странски директни инвестиции – над 700 милиони евра и највисоки државни буџетски инвестиции од 465 милиони евра. Платите значително порасна – минималната плата за 100 проценти во однос на периодот пред 5 години, а нивото на пензиите е зголемено за 40 до 50 проценти, за истиот период. Ова секако е резултат на постигнатата стабилност дома, а се должи и на зајакнатата економска соработка во Западен Балкан, којашто е факт дека никогаш не била поголема од денес, рече Ковачевски.

Тој потенцира дека во вакви моменти доаѓаме до суштината на значењето на регионална спработка.

-Со заеднички сили ја пребродивме, прво, здравствената криза, а потоа се справивме и со пикот на економско-енергетската криза во текот на зимата, што доведе до поскапување на енергијата, храната, суровините, влијаеше на инфлацијата и се закануваше на економиите. Ако не ги имавме цврсто поставено темелите на меѓусебната доверба, преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, сигурно ќе бевме во потешка ситуација од денес. Но, со заедничкото делување, солидарност, поддршка, ги ублаужуваме последиците од овие наизменични кризи и нашата соработка покажува успех. И ако некој сè уште се прашува како – одговорот е пред сите нас. Државите во регионот имаат политички раководства кои одлучија да се ослободат од прангите на минатото, да гледаат кон иднината и да работат за неа: заедно и денес, истакна премиерот.

Како што оцени, Берлинскиот процес е важен затоа што ги вклучува сите држави на Западен Балкан.

-Во рамките на овој процес потпишани се договори за взаемно признавање на универзитетите и универзитетските дипломи, што отвори нови работни можности и зголемени егзистенцијални можности за професионалниот кадар и граѓаните, рече Ковачевски.