Шефот на киевската полиција: Во нападот на Киев има мртви, уништени се куќи

од Stefanija Kuzmanovska
224 прегледи

Началникот на киевската полиција Андриј Небитов соопшти дека има жртви во ракетниот напад што денеска се случи во Киев.

Како што рече Небитов, во нападот биле уништени и неколку приватни куќи.

„Киев пост“ на Твитер објави слики од уништени куќи и изјава на началникот на полицијата.

„Како резултат на ракетниот напад, уништена е приватна куќа во еден од квартовите на киевската област, а има и жртви“, објави шефот на регионалната полиција Андриј Небитов.

Во меѓувреме, воздухопловните сили на Украина на Телеграм објавија дека се уништени шест балистички ракети Кинжал, шест ракети Калибр и две беспилотни летала.

Како што беше претходно објавено, најмалку две експлозии го потресоа Киев, а сирените за воздушна опасност се огласија во моментот кога делегација на африканските земји предводена од јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса престојуваше во украинската престолнина како дел од мировната мисија.

Делегацијата во која се Рамафоза и лидерите на Сенегал, Замбија, Коморските Острови и Египет, денеска треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а утре треба да отпатува за Санкт Петербург и таму да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.

Слични содржини