Предлог-иницијативата за уставните измени, со која Бугарите и други народи треба да се внесат во Преамбулата на Уставот, денеска нема да биде разгледана на редовна седница на Владата, иако вчера имаше такви најави од страна на министерот за правда, Кренар Лога.
-Денес нема да бидат на седница на Влада уставните амандмани. Штом службите не информираат, тогаш ќе бидат доставени. Кога ќе дојдат на дневен ред, тогаш ќе ве информираме, рече претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Министерството за правда пред две недели работеше на номотехничко прочистување на предлогот, а тој беше преведен и на албански јазик. Работната група на седница одржана претходно ја усвои Предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување.
Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. Во Преамбулата после „… бошњачкиот народ“ се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарита Цаца Николовска. Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во Амандманот 34, кој е заменет со член 49 и Амандманот 2. Во овој Амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и Амандманот 2, после „… бошњачкиот народ“ исто така се додаваат зборовите „бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“.
Засега е неизвесно дали во Собранието ќе бидат прифатени уставите измени имајќи предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да ги поддржи. За носење на уставните измени е потребно двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници.