Дезинформациите како средство за предизвикување или продлабочување на општествените поделби односно како средство за психолошка војна не се ниту нов, ниту непознат феномен. Присутни се во сите општества во различни временски периоди и биле користени од различни групи и внатре и надвор од општествата. Во оваа смисла особено се ранливи демократските општества бидејќи плурализмот на мислењата и ставовите, односно слободата на изразување вклучува и слобода на вербално несогласување се самата суштина на демократските општества и начинот на кој во нив се донесуваат одлуките, рече претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Градење на општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија”, која Претседателскиот центар за политичко образование ја организира во соработка со Фондацијата „Метаморфозис”.
Пендаровски потсети на периодот на нацистичката диктатура или сталинистичката репресија и констатира дека и тогаш тоталитарните и автократски режими користеле пропаганда и дезинформациски кампањи чија што цел не била само предизвикување поларизација и раздор кај нив дома, туку и во другите општества, со особен фокус на демократските држави.
-Оваа историска паралела не е со цел да ја релативизирам опасноста од дезинформациите во нашето време, туку да укажам дека демократските општества веќе имаат значајно искуство со овие феномени и, што е најважно, двете големи битки со нацизмот и комунизмот ги добија демократските држави, а диктатурите изгубија. Добро е почесто да се потсетуваме на овој факт.
Сепак, денешното време има свои карактеристики поради кои можеме да констатираме дека се наоѓаме во поранлива состојба во споредба со некои поранешни времиња. Таа специфика е пред се неспоредливо поголемата поврзаност меѓу општествата и државите во ерата на глобализација и информациско-комуникациската дигитална револуција која ја живееме.
Еден од најзначајните аспекти на оваа револуција се појавата на интернетот и социјалните мрежи. И за разлика од првичниот, да го наречам, наивен оптимизам дека социјалните мрежи нужно ќе водат кон демократизација на општествата, набрзо ја видовме нивната, во суштина, двојна природа. Или, подобро кажано, сфативме дека социјалните мрежи самите по себе не се ниту демократски, ниту недемократски, туку се екстремно ефикасни алатки чии што ефекти зависат од тоа кој, со какви намери и за какви цели ги употребува, односно злоупотребува, истакнува Пендаровски.
Тврди дека разлика од традиционалните медиуми со позната уредувачка хиерархија, социјалните мрежи и онлајн порталите, што најчесто се меѓусебно поврзани, често служат или како платформи на кои други субјекти објавуваат или имаат затскриена уредувачка структура.
-По својата природа тие се лесно достапни, брзо го окупираат вниманието на читателите и создаваат лажна слика на кредибилност и точност. Имајќи предвид дека најголемиот број од нив се директно зависни од бројот на т.н. „отворања” на интернет, јасно е дека дури и без намера за пропагандистичко дејствување, нивната техника на работење е доаѓање до што повеќе корисници најчесто преку сензационализам, а на сметка на вистината. Кога ќе земеме предвид дека помал дел од нив се финансираат преку нелегални приливи на средства од т.н. малигни центри за моќ со јасни цели, лесно е да се разбере дека имаат потенцијал да бидат реална опасност за демократијата, рече Пендаровски во обраќањето.