Денеска свечено се отвори нов производствен погон од 2.100 метри квадратни на американската компанија Теламон, со примарна дејност производство на електрични кабли за автомобилската индустрија, со што е проектирано отворање на 300 нови работни места.
Поготнот ќе биде на 2.100 метри квадратни во кој, како дополнение на постоечките 200 вработени, со плати повисоки од просечната нето плата. Досегашната инвестиција од 5 милиони евра во бизнис плановите предвидено е да се зголеми на 8 милиони евра.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи кој присуствуваше на отворањето рече дека влијанието на оваа нова инвестиција на „Теламон” има потенцијал да предизвика брановиден ефект кој ќе поттикне понатамошни инвестиции, ќе ја подобри нашата севкупна конкурентност на глобалната сцена.
„Високo напредните технолошки инвестиции ни се потребни бидејќи ја зголемуваат конкурентноста, отпорностa и приспособливостa на економија на динамичните и променливи пазарни услови и глобални предизвици. Се зголемува степенот на диверзификација на економската активност, преку намалување на нејзината зависност од традиционалните трудо-интензивни сектори. Кога една инвестиција со себе носи експертиза, иновативност, дигитализирани процеси, истражување, тогаш се создаваат можности и локалната работна сила да се стекне со нови вештини и знаења, правејќи ја долгорочно конкурентна во пошироки регионални и глобални рамки”, рече вицепремиерот Битиќи, и додаде дека преку реализацијата на ваквите инвестициски проекти сме поблиску до остварувањето на целата за зачувување на работната сила во земјава.
Компанијата е една од најголемите во САД и има свои претставништва во Индијана, Илиноис, Калифорнија, Арканзас, Охајо, Њу Џерси, Канзас и Мисури, два меѓународни капацитети во Кина и еден во Мексико. Фабриката во Македонија е четврти меѓународен капацитет и седиште на Теламон – Европа.