ЕУ го договори единаесеттиот пакет санкции против Русија

од Vladimir Zorba
323 прегледи

Во средата, земјите-членки на ЕУ се согласија за 11-тиот пакет санкции против Русија, кои главно се насочени кон спречување на заобиколување на досега воведените санкции поради агресија врз Украина.

„Денеска амбасадорите на земјите-членки се согласија за 11-тиот пакет санкции против Русија“, објави шведското претседателство на Твитер, додавајќи дека пакетот вклучува мерки насочени кон спречување на избегнувањето санкции и додавање нови имиња на списокот со санкции.

Договорот веднаш беше поздравен од претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лeјен.

„Новиот пакет со построги извозни ограничувања и мерки против правните субјекти кои го поддржуваат Кремљ ќе и нанесе нов удар на воената машинерија на Путин“, сподели Фон дер Лејен на Твитер.

Договорот за 11-тиот пакет санкции е постигнат на ниво на амбасадори и сега во писмена постапка мора да биде потврден од владите на земјите-членки.

Најновиот пакет санкции забранува транзит преку Русија на стоки и технологија што би можеле да ги користи руската војска или да и помогне на нејзиниот одбранбен и безбедносен сектор. Се воведуваат ограничувања за продажба на чувствителни стоки и технологија за двојна употреба на земји кои би можеле да и ги продаваат на Русија, а се проширува и листата на забранети стоки кои би можеле да служат за рускиот воен и одбранбен сектор.

Пакетот ја продолжува суспензијата на дозволите за емитување во Европската унија за пет руски медиуми под контрола на руската држава.

ЕУ претходно воведе забрана за увоз на руска сурова нафта и нафтени деривати, а сега го забранува пристапот до европските пристаништа за бродови за кои постои разумно сомневање дека се вклучени во пренос на руска нафта од брод на брод за да се заобиколи забраната.

На санкционираната листа се додадени 71 физичко и 33 правни лица. На тие лица и правни лица им е замрзнат имотот во ЕУ, меѓу другото, затоа што учествувале во илегалната депортација на украински деца во Русија.