Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ порача дека уставните измени не се заглавени и очекува Владата да процени кога е најдобар момент за да ја пушти иницијативата во Собрание.
-Сметам дека треба да се даде уште неколку дена шанса за дијалог со опозицијата, иако е јасно изгледа дека немаат намера повторно да седнат на дијалог. Нашата врата ќе остане отворена и кога ќе влезат амандманите во Собрание. Би сакале амандманите во текот на летото да ги испратиме во Собранието, а крајниот рок за завршување на комплетната процедура е крајот на ноември. Почетниот краен рок треба да биде најдоцна во месец јули да ги испратиме, ако сакаме во ноември да стигнеме со сите рокови, рече Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање.
Повторно побара од опозицијата да разговараат за реалните услови околу уставните промени.
-Се надевам дека ќе преовладува разумот. Ќе продолжиме да се обраќаме и до водството и до пратениците од опозицијата. Секој пратеник е слободен да одлучува и никој не може да врши притисок. Никогаш не сум вршел притисок врз некого, но должност е да разговараме и да ги изнесуваме сите аргументи. Не мислам дека дијалогот да биде заменет со притисок, но не треба да биде заменет со шпекулации. Јас разговарам и ќе разговарам со секого бидејќи тоа ми е должност и дел од мојата работа, кажа вицепремиерот.