Тим за пребарување пронајде остатоци во областа каде се трага по подморницата Титан која исчезна во неделата за време на нуркање до потонатиот Титаник
Отпадоци во областа за пребарување во близина на Титаник биле пронајдени од подводен брод на далечинско управување, објави американската крајбрежна стража, а пренесува Би-би-си.
Експертите во рамките на обединетата команда ги оценуваат информациите.
Во објава на Твитер, крајбрежната стража не даде никакви детали за тоа дали веруваат дека пронајдените остатоци припаѓаат на исчезнатата подморница Титан.
Бродови, авиони и друга опрема се користени за потрага по исчезнатата подморница, а во четвртокот американската крајбрежна стража извести дека подводен робот испратен од канадски брод стигнал до морското дно, додека францускиот истражувачки институт соопшти дека робот за длабоко нуркање се вклучи во операцијата со камери, светла и механички раце.