Инфлуенсерот Ендрју Тејт ќе остане во домашен притвор во Романија уште 30 дена од крајот на јуни до неговото судење под обвинение за трговија со луѓе, одлучи денеска судот во Букурешт.
Тејт во вторникот беше обвинет заедно со неговиот брат Тристан и две Романки за трговија со луѓе, силување и формирање криминална група за сексуална експлоатација на жени, објави Ројтерс.
Тие се во домашен притвор во очекување на истрага за злоупотреба на седум жени за кои обвинителството вели дека биле принудени на проституција и порнографија откако одговориле на лажни покани на социјалните мрежи за врска или брак од браќата Тејт. Осомничените ги негираа обвинувањата.
Четворицата осомничени се задржани во полиција од 29 декември до 31 март, а оттогаш се во домашен притвор. Браќата Тејт се државјани на САД и Велика Британија.
„Ние не сме првите богаташи кои сме неправедно нападнати“, им рече Тејт на новинарите во средата по сослушувањето.
Судењето нема да започне веднаш бидејќи, според романскиот закон, случајот се испраќа до прелиминарниот совет на судот во Букурешт, каде судијата има 60 дена да ги разгледа списите на предметот за да се осигура законитоста.
Трговијата со возрасни и силувањето се казнуваат со затвор до 10 години. Обвинителите, исто така, рекоа дека истражуваат четворица осомничени во посебен, тековен случај за наводи за перење пари, манипулација на сведоци и трговија со деца и возрасни.