Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко конечно се огласи откако пред една недела беше ставен на црната американска листа. Најави дека ќе ја достави секоја документација која ќе биде побарана од него од страна на правосудните органи во однос на предметите за кои се товари, но и дека ќе биде отворен за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи.
Во продолжение целата објава на Мерко на социјалните мрежи:
„Од Претседателот Вилсон па сѐ до ден денес, Соединетите Американски Држави се наш сојузник во секој предизвик и заедно реализиравме многу значајни проекти за државата, градот и граѓаните на Струга.
Секогаш ја поздравувам и ја поддржувам континуираната американска поддршка за нашата земја и граѓаните на Струга.
По најновиот развој на настаните во врска со одлуката на американскиот Стејт Департмент, не сакав да комуницирам во корист на процесите, за кои ќе бидам отворен како и секогаш за поддршка на правдата и за секој процес пред правосудните органи. Oд страна на институцијата Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции.
Притоа, во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите.
На крајот, сакам да му се заблагодарам на секој граѓанин за поддршката низ годините, но и поддршката што не ја штедевте и овие денови, за кои убеден сум дека ќе ги надминеме заедно, за да создадеме услови за подобар живот на Стружани и за Струга што ја сакаме“.
Струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, неговата сопруга Шпреса и трите нивни деца Генц, Назмије и Дренуше од 20 јуни и официјално добија забрана за влез во Соединетите Американски Држави. Семејството Мерко се најде на американската „црна листа“, бидејќи Стејт департментот наведе дека има силни докази дека струшкиот градоначалник бил вмешан во голема корупција, присвојувал пари и се мешал во судски и други јавни процеси, нанесувајќи штета на демократските процеси во земјава.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер најави проширување на „црната листа“ со нови функционери во иднина.