Маричиќ од Ниш: ЕУ функционира за нашите граѓани преку конкретни проекти

од Nikola Popovski
377 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во Ниш заедно со неговата српска колешка, министерката за европски интеграции, Тања Мишчевиќ, и евроамбасадорот во Србија, Емануел Жиофре, ја потпишаа првата алокација од новата ИПА прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија за 2021 и 2022 година, во вредност од 3,6 милиони евра.

Во своето обраќање вицепремиерот и Национален ИПА координатор Маричиќ рече дека потпишувањето на финансиската спогодба во рамките на Инструментот за претпристапна помош 2021-2027 година е резултат на добрата соработка меѓу двете земји и партнерството со ЕУ, која како што рече Маричиќ „со ваквата финансиска поддршка ја дава вистинската слика на концептот и проектот на Унијата, дека ЕУ функционира за нашите граѓани преку конкретни проекти”.

-Соработката на двете држави оди во корист на граѓаните. На овој начин за граѓаните од двете страни на границата обезбедуваме конкретни резултати, со кои им ги доближуваме европските стандарди и вредности и би ја одржале нивната доверба во процесот на интеграција во ЕУ, посочи Маричиќ.

Тој во својот говор кажа дека Европската Унија е многу повеќе од правно приближување и хармонизација на домашното законодавство со европското, укажувајќи дека ЕУ е и реални проекти кои го прават поквалитетно секојдневното живеење на граѓаните.

Маричиќ додаде дека програмите за прекугранична соработка се европска успешна приказна, за која е потребна целосна мобилизација на сите, особено на граѓанското општество и локалните самоуправи, кои ќе дадат свој придонес во создавањето модерен, современ и европски регион и негова подобра перспектива.

Министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ се заблагодари за признавањето на важноста на прекуграничната соработка за луѓе кои живеат од двете страни на границата, а особено на македонскиот колега, Маричиќ, бидејќи нагласи дека се работи за заеднички интерес граѓаните да ги почувствуваат придобивките од пристапниот процес, да почувствуваат дека тој не се одвива само во Брисел.

„Важноста на прекуграничната соработка се одразува и во тоа што е помош за граѓаните, а не за државата. Ова е партнерство меѓу ЕУ и државата и заеднички ги поддржуваме оние проекти од кои корист имаат голем број луѓе”, рече српската министерка Мишчевиќ.

Маричиќ се заблагодари на Мишчевиќ за поканата на денешниот настан „Ден на локален развој, енергија и прекугранична соработка”, во рамки на одржувањето на „ЕУ недела на можности” и изрази уверување дека ќе продолжи и ќе се унапреди соработката во повеќе области.

-Со користење на средствата од ИПА, работиме на постигнување на она што го имаме како појдовна точка во одлуките и политиките кои ги носиме, а тоа е напредок на европскиот пат и општата благосостојба на нашите граѓани. ЕУ ни помага и нè подготвува полесно и побрзо да ги прифатиме промените и трансформацијата на нашите општества, а истовремено и нè поттикнува на поблиска соработка и на полето на евроинтеграциите, рече Маричиќ.

Финансиската спогодба која денеска ја потпиша вицепремиерот Маричиќ овозможува почеток на имплементација на Програмата за прекугранична соработка меѓу Србија и Северна Македонија, во рамките на Инструментот за претпристапна помош 2021-2027 година (ИПА III), е со вкупна вредност од 9,7 милиони евра, од кои 8,4 милиони евра се неповратни средства од ЕУ.

Овие средства се наменети за проекти со кои се отвораат можности пред сè за локалниот социо – економски развој, културна вклученост од двете страни на границата, како и за поттикнување на туризмот.

Се очекува дека благодарение на програмата пристапот до социјални, здравствени и културни услуги за ранливите групи ќе биде значително зголемен и дека, преку развивање на прекугранични туристички производи, како и поддршка на акции насочени кон заштита и валоризација на културното и природното наследство, значително зголемување на бројот на туристички посети и должината на туристички престој во пограничната област.

Територијалната област на програмата за прекугранична соработка ги опфаќа областите Јабланица и Пчиња во Србија и Североисточниот регион и дел од Скопскиот регион во Северна Македонија. Областа има вкупно население од околу 850.000 луѓе распределени речиси подеднакво меѓу двете земји.

Слични содржини