Русија прво беше закана затоа што беше силна, а сега претставува ризик бидејќи и се заканува нестабилност, изјави во понеделникот во Луксембург високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел.
Минатиот викенд во Русија се случи „прекинат вооружен бунт“, изјави Борел по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
„Тие настани покажаа дека руската држава и личниот кредибилитет на Путин се ослабени, благо кажано, дека политичкиот систем покажува пукнатини. Русија прво беше закана затоа што беше силна, а сега е ризик бидејќи може да стане нестабилна“, изјави шефот на дипломатијата на Европската унија.
Борел додаде дека заклучокот од министерската дискусија е многу јасен, а тоа е да продолжи да ја поддржува Украина повеќе од кога било досега.
Тој рече дека европската мисија за обука на украинската армија оди многу добро, досега се обучени 24 илјади војници и дека првично поставената цел од 30 илјади обучени војници до крајот на оваа година ќе биде исполнета многу порано.