Отец Стобиски нема да се извини и подготвен е да му се суди откако КСЗД го прозва за навредливите изјави кон ЛГБТИ луѓето

од Nikola Popovski
350 прегледи

Отецот Јаков Стобиски ги одбива препораките на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и нема да се извини откако беше утврдено дека има извршено дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавното информирање и медиуми.

– Подготвен сум да бидам суден за тоа што ја говорев и исповедав вистината. Се разбира, јас веднаш одговорив на таквите обвинувања и испратив детален одговор до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во кој понудив линкови од светски реномирани медиуми, прирачници за психијатри, изјави од доктори и психолози, кои ги потврдуваат изнесените ставови. Би сакал топло да ѝ се заблагодарам на Комисијата за трудот да состават вакво капитално дело, прво од ваков вид упатено кон владика кој не ги застапува нивните родово-идеолошки ставови. Голема благодарност и за препораките да замолчам и да се извнинам, но и јас им испраќам топол поздрав и ги известувам дека нивните препораки не се прифаќаат – подготвен да бидам суден, но и на многу повеќе, за тоа што сум ја говорел и исповедал вистината, стои меѓу другото во писмената реакција на отецот.

КСЗД вчера информира дека по поднесени претставки од страна на КВИР Центарот и Коалиција МАРГИНИ, отецот Стобски треба јавно да се извини, во спротивно на што Комисијата ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Водејќи се од наодите на претставките, како и произнесениот одговор на Јаков Стобиски по однос на нив, Комисијата увиде исполнување на дефиницијата на вознемирување содржана во член 10, став 1, од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тие константираа дека „преку своите јавни настапи изминатиот период, меѓу кои гостувањето на емисијата Детектор на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица, Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето. Тој го искажал својот став кон трансродовите лица преку стереотипи, опишувајќи ги како лица кои страдаат од ментално растројство, нагласувајќи ја на тој начин стереотипната и штетна слика за нив и нивната позиција во општеството.“

Од КСЗД истакнуваат дека иако Стобиски има право јавно да ги искажува своите ставови и мислења, не смее да охрабрува и поттикнува дискриминација кон одредена група на луѓе или јавно да се залага за нивно маргинализирање и стигматизирање. Во објаснувањето на Мислењето стои дека предвид е земен „фактот што Јаков Стобиски е свештено лице, кое може да влијае на јавноста со своите ставови и авторитети, поради што има дополнителна одговорност да не поттикнува дискриминација и да не повредува нечие достоинство со неговите изјави и ставови“.

Слични содржини