Веднаш штом се здоби со нуклеарно оружје и платеничката војска „Вагнер“, претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, престана да биде третокласен диктатор кој не прави ништо без дозвола на рускиот претседател Владимир Путин, пишува The Telegraph.
Додека овој поранешен менаџер на државната фарма сигурно ужива во славата што ја стекна откако наводно ја спасил Русија од граѓанска војна, фактот што посериозно се вклучил во конфликтот меѓу шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин и Путин, треба да ја загрижи Северноатлантската алијанса (НАТО) затоа што состојбата на нејзините источни граници во однос на безбедноста би можела значително и долго да се промени.
Лукашенко тврди дека го убедил Путин да не го уништува Пригожин, кој кон крајот на минатата недела го презеде Ростов на Дон со своите војници и се упати кон Москва. Наводно, Лукашенко стапил во контакт со Пригожин во моментот кога овој бил среде еден вид „психолошки слом“ и му понудил да се откаже од пучот и да дојде во Белорусија каде што ќе биде безбеден.
Пригожин ја прифатил понудата на Лукашенко и заедно со неколку негови борци се „населиле“ во Белорусија. Ова за возврат му овозможи на Путин да каже дека руските безбедносни сили ја одбраниле Мајка Русија и ја прекинале граѓанската војна пред да започне.
И додека Кремљ го преживеа овој напад врз себе, останува да се види како маневрите на Лукашенко ќе влијаат на безбедносната ситуација во Полска, Литванија и Латвија – членките на НАТО што граничат со Белорусија.
Во моментов не се знае колку „вагнерци“ побегнале во Белорусија заедно со Пригожин. Тој рече дека неговиот бунт против рускиот воен естаблишмент предводен од министерот за одбрана Сергеј Шојгу бил поддржан од 25.000 платеници. Путин им понуди на членови на „Вагнер“ кои учествуваа во бунтот три опции – да одат во Белорусија, да се приклучат на руската армија и безбедносните служби или да се вратат дома. Во исто време, Лукашенко им рекол на платениците дека можат да се населат во областа на напуштена воена база. „Оградата е таму, имате се, поставете ги шаторите“, рекол претседателот на Белорусија.
Присуството на Вагнер во Белорусија, кое Путин го искористи како платформа за инвазија на Украина, загрижи многумина бидејќи платениците на Пригожин би можеле да започнат нова офанзива против Киев. Ваквиот развој на настаните, сепак, е малку веројатен бидејќи Лукашенко засега директно не се мешаше во војната во Украина, главно затоа што Белорусите во голема мера се против руската инвазија.
Доколку „Вагнер“ и белоруската армија ги здружат силите, Белорусија наеднаш би станала воено моќна нација, а токму тоа е сценариото од кое НАТО најмногу се плаши. Литванскиот претседател Гитанас Науседа рече дека „сериските убијци“ на „Вагнер“ би можеле потенцијално да ги дестабилизираат земјите што граничат со Белорусија доколку им биде дозволено да се прегрупираат таму и да почнат повторно да дејствуваат. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата е подготвена да се брани од заканата што може да дојде и од Москва и од Минск. Тој додаде дека на претстојниот самит на НАТО, што ќе се одржи следната недела во Вилнус, Литванија, ќе се разговара за зајакнување на одбранбените капацитети на земјите-членки кои се наоѓаат веднаш до Белорусија.
НАТО стравува дека Белорусија, благодарение на неодамнешното пристигнување на руското тактичко нуклеарно оружје и „Вагнер“, може да и го отежне животот. Путин испрати нуклеарно оружје во Белорусија за да го „потсети“ НАТО пред самитот во Вилнус дека какви и да има проблеми, Русија не го намали нејзиниот арсенал на нуклеарно оружје, најголемиот во светот. Меѓутоа, сега кога и „вагнерците“ и руското нуклеарно оружје се во Белорусија, НАТО повеќе не може да ја третира Белорусија како марионета на крајот од руската нишка.
Минск сега може сам да ја загрози Источна Европа и Балтикот.
„Њузвик“ објави дека Лукашенко им рекол на високите белоруски функционери да осмислат „алгоритам“ што ќе му овозможи на Минск да управува со руското нуклеарно оружје лоцирано во Белорусија. „Тоа треба да се заснова на фактот дека мора да можеме да го користиме во тешки времиња, во случај некој да не нападне“, рече претседателот на Белорусија.
Руски и белоруски официјални лица изјавија дека Русија ќе ја задржи контролата врз оружјето. Ема Клер Фоли од Global Zero, меѓународна невладина организација за елиминација на нуклеарното оружје, рече дека е можно Лукашенко да го кажал ова за да остави впечаток на личност која може да влијае на руската и регионалната политика. Белорускиот претседател изјави дека поголемиот дел од руското тактичко нуклеарно оружје кое ќе биде лоцирано во Белорусија веќе е пристигнато. Москва претходно соопшти дека ќе ја заврши изградбата на објект каде што ќе се складира. Оружјето ќе биде доставено до 2631-та база за складирање на ракети и друга муниција што ја користат белоруските воздухопловни сили во Прудок, регионот Витебск. Се наведува дека Лукашенко би можел да го искористи присуството на оружје за донекаде да се спротивстави на идеите на Москва за анексија на Белорусија. САД соопштија дека ја следат ситуацијата во Белорусија и засега нема да ја менуваат својата политика.
„Ситуацијата во која Белорусија лансира руско нуклеарно оружје мора да се смета за екстремен исклучок. За да се случи ова, многу ќе треба да тргне наопаку и во Русија и на други места“, рече Ема Клер Фоли од невладината организација „Global Zero“.
Сето ова значи дека земјите кои неодамна ги намалија воените трошоци, како што е Велика Британија, би морале да размислат за зголемување на парите што ги издвојуваат за одбрана.