Јавниот обвинител Љубомир Лапе информира дека во предметот „Феникс“ на ОЈО ГОКК за проектот „Скопје 2014“ се спроведува истражна постапка против 15 физички и 7 правни лица, меѓу кои освен македонски државјани, има еден државјанин на Италија и три италијански правни лица. Ова следува после вчерашната акција за апсење на повеќе лица, меѓу кои и поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и поранешниот претседавач на Советот на општината, Владимир Здравев за малверзации околу изградбата на мостот „Око“.
-Од досегашните докази произлезе основано сомнение дека од втората половина на 2007 година па до крајот на 2013, првоосомничениот (Никола Груевски) како претседател на Влада и претседател на тогашна политичка партија на власт, заедно со своите најблиски соработници, заменик-претседател на Влада и министер за финансии (Зоран Ставревски), како и тогашен претседател на советот на општина Центар и градоначалникот на општина Центар, се поврзале со цел остварување политичка и финансиска корист. За проектот 2014 не постои писмен документ, програма или некаква одлука од надлежен државен орган, рече Лапе.
Додаде дека преку Министерството за култура и третоосомничената (Елизабета Канческа-Милевска) се подготвувале и поднесувале иницијативи за изградба на споменици, под изговор дека се спомен-обележја од локално значење за жителите на општина Центар.
-Незаконски префрлиле на сметка на општина Центар 3 милијарди и 547 390 илјади денари. Со цел да се прикажат дека е проект на општината, градоначалникот на општината ги прифатил средствата, рече меѓу другото Лапе.
Обвинителот извести дека постапката е во тек и против седум лица се предложени мерки за обезбедување притвор.