Отвореното банкарство во функција на отклучување на можностите за иднината на финансиските услуги, е темата која беше во фокусот на дискусиите на вториот ден од 15. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, која во изминатите два дена во организација на Народната банка и Банката на Холандија, се одвиваше во Охрид. Отвореното банкарство создава услови за влезот на финтек-компании коишто, со согласност на клиентите на банките, ќе може да пристапуваат до нивните платежни сметки заради иницирање електронски плаќања и собирање податоци за извршените трансакции, коишто би служеле за натамошна анализа и сеопфатно и едноставно информирање на клиентите. Со Законот за платежни услуги и платни системи се овозможи платежните услуги засновани врз отвореното банкарство да се ползуваат и кај нас.
Искуствата од странските земји со технолошки напредните апликации понудени од финтек-секторот го означија отвореното банкарство како придобивка за клиентите при извршување и следење на плаќањата, но и за унапредување на услугата на банките кон клиентите. Модераторот на панел-дискусијата, Јан Вермулен од централната банка на Белгија, истакна дека отвореното банкарство придонесе за зголемување на нивоата на безбедност во платежниот екосистем и конкуренцијата, но нагласи и дека се потребни сложени технички решенија за да се примени, коишто ќе дозволат целосен влез на новите учесници во финтек-секторот да биде само делумен. Сепак, како што беше истакнато, понатаму се очекуваат дополнителни придобивки, како од отвореното банкарство, така и од отворените финансии.
Во своите заклучни белешки, вицегувернерката Емилија Нацевска се осврна на темите дискутирани на 15. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, како и на значењето на самата конференција како платформа за размена на знаење низ годините и придобивките за финансискиот пејзаж во земјата и пошироко, неговата поголема интеграција, ефикасност и респонзивност на примената на новите технологии. Притоа, Нацевска истакна дека интеграцијата на Регионот на Западен Балкан во ЕУ, вклучително и усогласувањето со стандардите на Единствената европска платежна област ̶ СЕПА, е од клучно значење за усогласувањето на платниот систем во земјата, како и за пораст на прекуграничните трансакции и економскиот раст на земјата. Преку соработка, подвлече вицегувернерката, имаме моќ да постигнеме извонредни резултати во обликувањето на иднината на плаќањата и пазарните инфраструктури.
„Во текот на оваа конференција можевме да ја видиме моќта на размената на знаење и соработката. Споделените сознанија, соработката и новите идеи, несомнено, го поплочија патот кон напредокот во плаќањата и пазарната инфраструктура. Наша колективна одговорност е да обезбедиме овие дискусии да продолжат и по Конференцијата, до конкретни активности и резултати”, посочи вицегувернерката Нацевска.
Во изминатите петнаесет години Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, прерасна во препознаена традиција, која во регионот и пошироко се истакна како водечки настан во оваа сфера.