Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки негира дека во неговата партија има линија која е за уставни измени и смета дека шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи ја дефокусира јавноста.
-Нашиот претседател многу јасно кажа дека избори се единственото решение. Тоа дали има линија од ИК која што ги убедувала пратениците мислам дека е крајно несериозно да се тврди затоа што сите ние многу добро знаеме кои се нашите ставови и дека ќе опстоиме на нашите ставови, рече Ковачки, порачувајќи му на Османи „да погледне малку во сопствениот двор затоа што во ДУИ имаат една линија која што не го подржува раководството и која што не се согласува со криминалот на сегашното раководство“.
Ваквата реакција следува после денешната изјава на Османи.
-Пратениците со одлуката да не ги гласаат уставните измени ја ставаат земјата во групата на земји кои имаат отворени прашања, за кои што ќе има друга патека за членство во ЕУ. Толку се последиците од незавршувањето на провесот на уставни измени. Историјата и книгите ќе ги пишуваат нивните имиња на земјата која беше првенец во регионот за членство во ЕУ и ќе ја стават во долготрајна изолација. Сепак, има луѓе во ВМРО кои што упорно аргументираат таму дека не смееме да ја пропуштиме шансата дека Бугарите се овде малцинство. Паралелно ќе работиме и со оваа идеолошка линија во партијата која ја сака државата и иднината и ја гледа како просперитетна и во која заедниците живеат заедно и не се провоцираат и тепаат како порано, рече Османи на брифинг со медиумите, одговарајќи на новинарски прашања.