Силно невреме попладнево зафати делови од Скопје, проследено со силен ветер, електрични празнења и град на некои места.
Според информации од социјалните мрежи, во некои делови од градот има поплави, како и откорнати дрвја.
Од утрово УХМР издадоа и актуелно предупредување во кое најавуваат дека дел од фронтален систем придружен со поголема облачна и нестабилна маса се движи од Полошкиот регион кон исток, па се очекува да ги зафати Скопскиот и Кумановскиот регион.
-Скопската Котлина е зафатена од невреме придружено со интензивни електрични празнења, интензивен пороен дожд и силен ветер, а можна е и појава на град. Правецот на ширење на појавите е од запад кон исток, соопштија од УХМР пред половина час.
И во недела времето ќе биде променливо облачно, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град. Во почетокот на следната седмица ќе настапи преодно стабилизирање на времето.