Висок функционер на Долниот дом на рускиот парламент Дума денеска ги отфрли наводите за потребата од нова воена мобилизација во земјата за замена на членовите на паравоената група „Вагнер“ кои повеќе не се борат во Украина.
„Претседателот на Руската Федерација (Владимир Путин) кажа јасно, разбирливо и конкретно дека нема да има нова мобилизација“, изјави за ТАСС Андреј Картаполов, кој раководи со Комитетот за одбрана на Думата.
„Нема потреба од мобилизација ниту денес, ниту во блиска иднина“, додаде тој.
Тој оцени дека нема закана за намалување на борбениот потенцијал, како што наведе, на среден или долг рок, како и дека Москва има доволно вооружени сили да ги замени припадниците на „Вагнер“, пренесе ТАСС.
Според неговите зборови, во моментот кога бил изведен неуспешниот бунт на „Вагнер“, на првите борбени линии немало членови на „Вагнер“, сите биле во логорите во тоа време.
По неуспешниот бунт во Русија на крајот на јуни, шефот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, се согласи да оди во Белорусија, врз основа на посредништво на Минск. Според условите на тој договор, членовите на групата „Вагнер“ можат да изберат – да одат во Белорусија, да се приклучат на редовната руска армија или да се вратат во цивилниот живот.
Евгениј Пригожин рече дека целта на неговиот бунт не била да ја собори владата, туку да го спречи рускиот Генералштаб, кој тој го обвинува дека е неспособен во конфликтот во Украина, да ја растури неговата платеничка група „Вагнер“.