Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека последниот случај на ОЈО „Феникс“ за спомениците од „Скопје 2014“ е театар пред јавноста. Истакнува дека тоа е само со една цел – дефокус од јавното мислење.
-Ако имало дело, ќе било решено пред 9 години. Продолжува да се негира македонскиот идентитет и се фрла сенка на идентитетските обележја и тие споменици кои имаа за цел да покажат историски континуитет на битката за своја држава. Можеби е добро со камерите да појдеме на споменикот од Слупчане и да прашате кој ја дал дозволата за градба, кој го финансирал и како е финансиран, и го охрабрувам истиот тој обвинител за кој што вие кажувате да отвори една таква предистрага, нека се охрабри, барем предистрага. Или можеби сакате да одиме до Зајас или Колари или сакате уште во неколку места да ве однесам во Македонија, каде што има такви нелегални градби, и каде што има основано сомневање за еден можеби поспектакуларен случај од овој кој што служи исклучиво за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои што денеска ја имаат за жал заробено Македонија. Овој случај е исклучиво за дефокус, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања од општина Кисела Вода.