Турција денеска објави дека спасила 95 мигранти на три преполни чамци во близина на нејзиниот брег во Егејското Море и ја обвини Грција дека ги потиснала назад.
Според информациите на турската крајбрежна стража и тамошното МВР, во првиот гумен чамец имало 37 мигранти, а бил забележан во саботата во мугрите на брегот на турскиот регион Ајваџик, кој се наоѓа на десетина километри од грчкиот остров Лезбос.
Еден час подоцна, околу пет часот наутро, во близина на Измир на запад беа спасени 11 лица, исто така на гумен чамец, а грчката полиција ги турна во турските територијални води, велат турските власти.
Ситуацијата се повтори среде бел ден повторно кај Ајваџик, каде турската крајбрежна стража спаси 47 илегални мигранти.
Турција редовно го обвинува својот сосед Грција за кршење на меѓународните прописи и туркање илегални мигранти кон турските територијални води за да се ослободи од барателите на азил во Грција.