Рестриктивната регулатива за ГМО на Европската унија, која беше воведена пред развојот на новите технологии, поставува исклучително високи бариери за одгледување генетски модифицирани култури и им овозможува на земјите од ЕУ да ги забранат дури и откако ќе се докаже дека се безбедни, пишува Politico.
Новиот закон има за цел да ја намали бирократијата и да овозможи полесен пристап на пазарот за растенијата одгледувани со „нови геномски техники“ (NGT), како што е CRISPR-Cas9, кои таргетираат специфични гени без нужно да воведуваат генетски материјал надвор од генскиот фонд на одгледувачот.
Со новата регулатива силно лобираат мултинационални компании како Bayer, Syngenta и Corteva, кои заедно го контролираат лавовскиот дел од секторот за одгледување растенија, како и мноштво помали компании, научници и земјоделски групи како што е Copa-Cogeca. Тие тврдат дека постои голем ризик ЕУ да заостане зад остатокот од светот во користењето на нови култури со посебни својства кои можат да ги направат похранливи, ефикасни и подобро прилагодени на климатските промени.
Но, на новите правила се противат политичарите од редовите на Зелените, групите за заштита на животната средина, органските и малите земјоделци и повеќе од 400.000 граѓани на ЕУ кои потпишаа петиција против дерегулацијата на, како што го нарекуваат „новиот ГМО“. Тие веруваат дека новите правила ќе зајакнат неколку мултинационални компании, овозможувајќи им да бараат патенти за земјоделски култури што можат да се добијат преку конвенционални земјоделски методи, истовремено загрозувајќи го не-ГМ и органското производство. Тие исто така тврдат дека бидејќи NGT постои само нешто повеќе од една деценија, остануваат прашањата за безбедноста. Според протечениот нацрт, земјите од ЕУ повеќе нема да можат да забрануваат одгледување на NGT култури.
Законот дополнително ги поедноставува правилата за подмножество на NGT култури кои се сметаат за еквивалентни на оние добиени преку традиционалните техники на одгледување. Обврската за означување на храната како ГМО повеќе нема да важи за овие „конвенционални“ растенија и тие нема да бидат предмет на проценка на ризик од регулаторите за безбедност на храната.
Во среда, Европската комисија треба да го претстави предложениот закон за генетски модифицирани култури како дел од најновиот пакет мерки во рамките на нејзината програма за животна средина и одржливост Green Deal. Ова ќе вклучи ново законодавство за здравјето на почвата, преглед на аспектите на отпадот од храна и текстил од Рамковната директива на ЕУ за отпад и законодавството за семиња и друг растителен и шумски репродуктивен материјал.