Почитувани пријатели од Соединетите Американски Држави, дозволете во свое и во име на МВР да ви го честитам Денот на независноста на САД, со желби за континуирани просперитет и благосостојба на пријателскиот американски народ, објави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по повод 4-ти јули, Денот на незавноста на САД.
Спасовски наведе дкеа американските пријатели ја одбележуваат 247-та годишнина од усвојувањето на Декларацијата за независност од 4 Јули, 1776 година.
-Америка е идеја за прогрес, избор на можности, заштита на ранливите категории граѓани, контрола над оние со моќ, но и гарант на правдата. Американскиот патриотизам се базира на принципи според кои ниту една личност, ниту една партија, ниту една група на интерес не може да биде над Америка. Тоа е американската приказна. И, долга е низата на патриоти кои ги положиле животите во име на таа света чест за одбрана на оваа нација и на демократијата ширум светот – за слобода, за мир и безбедност, за нови можности, за каузата за правда, или ако сакате – за самата душа на САД – демократијата.
Американската демократија е водечка инспирација за демократиите на глобално ниво, а нам ни претставува особена чест и задоволство што сме стратешки партнери, и што транс-атлантската соработка ја унапредуваме како сојузници во НАТО.
Водени од вредностите кои татковците на САД ги поставиле како темел на американската нација, ние, граѓаните на Република Северна Македонија, ја креираме нашата сегашност и ги поставуваме перспективите токму на тие темели на слобода, еднаквост, правдина. И токму тука се гледа и поддршката на вистинските пријатели – неизмерно сме благодарни на САД кои преку Амбасадата на САД во нашата земја ни пружаат неизмерна поддршка во развојот на нашата демократија, безбедност, економија, социјала. Впрочем, денес сме најбезбедна земја на Западен Балкан, со одржлив мир и заштитени права на секој еден наш граѓанин, без разлика на националната, верската или друга припадност. Република Северна Македонија денес има исклучително добра етаблираност на меѓународно ниво, со висок углед кај сите релевантни регионални и меѓународни организации и иницијативи, за што без дилема придонесе подадената рака на американските пријатели.
Продолжуваме со Стратешкиот дијалог со САД, за уште поблиска и посуштествена соработка, со заеднички напори да градиме отпорност кон сите закани, да ја продлабочуваме соработката во сите области од взаемен интерес и заеднички да придонесуваме за просперитет на регионот и на светот, стои во честитката на Спасовски, објавена на социјалните мрежи.