ДУИ денеска го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека „со години прерасна во фабрика на лажни вести и пропаганда налик на Гебелс“.
-Креираат непостоечко прашање и го повторуваат се додека не започнат и самите да му веруваат. Лажни вести за Албанскиот јазик, лажни вести за мигранти, за Преспански Договор, за Бугаризација, за инфлацијата, за коридорот 8, за енергетската криза, за пандемијата, за Данела Арсовска, за наводна корупција, како и многу други теми, велат од партијата на власт.
Оттаму додаваат дека ВМРО ДПМНЕ планира да ја изолира нашата земја и да ја врати заробената држава.
-ДУИ ги повикува сите политички партии да потпишеме иницијатива до Јавното Обвинителство како и до меѓународни институции за целосна истрага на сите наши функционери, власт и опозиција, во последните 20 години како и да поддржат целосен ветинг во политиката, судството и обвинителството, стои во партиското соопштение.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжи со обвинувањата до семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети
-„Тор Индустриес“, заедно со уште една фирма од кланот Зајас, е вклучен во изградба на коридорот 8, а договорот кој го имаат двете фирми е 1.3 милиони евра за ископ и други градежни работи. Покрај коридорот 8, „Тор Индустриес“, фирмата на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети е вклучена и во изградба на патот од Кичево до Дебар, поточно делницата Извор – Гарски мост. Исто како и на коридор 8, така и на оваа делница внукот на Али Ахмети е вклучен со уште една фирма од кланот Зајас, а средствата кои треба да ги приграбат, според документите доставени до нас, се помеѓу 6 и 9 милиони евра, стои меѓу другото во соопштението од најголемата опозициска партија.