ЕВН: Жителите на Слупчане протизаконски отвориле енергетски објект, без струја останаа три села

од Nikola Popovski
407 прегледи

Жителите на липковските села Оризаре, Ваксинце и Лојане денеска се без електрична енергија, поради дефект, кој како што соопштија од ЕВН го предизвикале жители на Слупчане кои насилно и противзаконски влегле во енергетски објект, обидувајќи се сами да го вратат напојувањето.

Од ЕВН во денешното соопштение до медиумите, информираа дека во вчерашните доцни часови, лица од Слупчане насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект во припадност на електродистрибуција во обид сами да го вратат напојувањето со електрична енергија во селото.

– По ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја. Ваквите манипулации од нестручни лица се крајно небезбедни може да имаат многу трагичен крај со смртни последици. Село Оризаре, Ваксинце и Лојане денес се соочуваат со дефект благодарение на жители од село Слупчане, велат од ЕВН.

Електродистрибуција во соопштението укажува дека мештаните на Слупчане не дозволуваат операторот на дистрибутивниот систем да ги исполни своите законски обврски да ја одржува, надградува и да постави системи за точно мерење на електричната енергија.

– Екипите на електродистрибуција не може да го санираат дефектот сè додека не добијат цврсти гаранции дека ќе се овозможат нормални услови за работа. Дефекти предизвикани од неовластени манипулации како во случајов, одземаат многу време да се санираат. Кражбите на електрична енергија во ова село се 80, а наплатата е само 20 проценти, велат од ЕВН.

Вчера жителите на Слупчане со запалени гуми го блокираа влезот на селото и не дозволија екипи на ЕВН да извршат интервенции.

Слични содржини